Во Скопската катедрала се одржа концерт на „Скопски брас квинтет“

Во недела на 12 декември 2021 година во Скопската катедрала се одржа концерт на Скопскиот Брас Квинтет. Концертот насловен „Вечер на Бах“ беше посветен на Јохан Себастијан Бах. Програмата ги содржеше изведбите на „My spirit Be Joyful”, “Fanfare fugue”, “Concerto – Bach/Vivaldi (Movement I),  Chorales Harmoized by J. S. Bach и многу други преубави дела.  Концертот беше беспрекорно изведен, заради што беше награден со огромен аплауз од страна на присутните.

Скопски Брас Квинтет е во состав: Стефан Илиев – труба, Вилијам Баракоски – труба, Благоја Василевски – хорна, Никола Ристевски – тромбон и Александар Ниниќ – туба.

Се одржа традиционалниот Божиќен саем

Во недела на 12 декември 2021 година се одржа традиционалниот Божиќен саем во организација на Македонскиот Каритас и парохијата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје.

На саемот кој беше од хуманитарен карактер учествуваа претставници на амбасади, граѓански здруженија, компании, верници и сите луѓе со добра волја. Можеше да се најде од се’ по нешто, почнувајќи од традиционалните божиќни колачиња на кои децата најмногу им се радуваа,  божиќните мотиви и разни украси кои измамија насмевки како на децата така и на возрасните.

Целиот приход е наменет за луѓето во потреба – за сиромашни семејства и лица од најзагрозената категорија на граѓани. Света Мајка Тереза во една мисла рече “Не сме сите сиздадени да правиме големи работи. Но, затоа можеме да правиме мали нешта со многу љубов ”. Токму пораката од ова мисла беше цел која се препозна и на овогодинешниот саем.

Посетете го Божиќниот саем во организација на Каритас

Саемот ќе се одржи на 12.12.2021, од 11:30 до 13:00 во дворот пред Католичката Црква.

На саемот ќе може да се вкусат деликатеси и напитоци, да се набават традиционални божиќни колачи и погодни подароци за претстојните празници, а целиот приход ќе биде наменет за сиромашните семејства на кои им помага Каритас.

Нека нашето учество на овој саем ја разбуди нежноста, прошири надежта, загрее срцето, за да можат да ја почувствуваат божиќната радост и оние кои живеат на
работ на општеството.

Средба со верниците од Скопската парохија по повод почетокот на Синодата

Во базиликата Свети Петар во Ватикан папата Франциск на 10 октомври 2021 година ја отвори синодата за Црквата под наслов: „За синодална Црква, заедништво, учество, послание“. Истата се одржува на пет континенти, следејќи ја тригодишната програма поделена на три дела, а која вклучува слушање, расудување и советување.

Скопскиот бискуп и Струмичко – Скопски епарх монс. Киро Стојанов Синодата за Црквата во Македонија ја отвори на 17 октомври 2021 година во катедралната Црква „Успение на Пресвета Богородица” во Струмица.   

По тој повод на 4 ноември 2021 година во парохијата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје се одржа средба, а истата ја отвори и водеше парохот дон Паво Шекерија. 

Интересот беше огромен што се огледа во големиот број на учесници. На средбата по краткиот вовед за Синодата се разви дискусија и се разменија мислења на сите учесници. Согласно програмата се планираат и други средби на кои ќе се учествува со разни предлози, прашања и забелешки, а се во интерес на напредокот на Црквата.