Потврда или кризма е Света тајна на Светиот Дух. Исус Христос е зачнат и роден по Светиот Дух од Дева Марија. При крштевањето на Јордан видливо му е даруван Светиот Дух кој што го ‘помаза’ за Месија. Самиот за себе сведочеше: „Духот Господов е врз Мене..Ме прати да ги исцелам сокрушените по срце, да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледување, да ги пуштам на слобода напатените; да ја проповедам благопријатната година Господова” (Лука 4, 18). Евангелието забележува дека во својата јавна дејност зборуваше и делуваше исполнет со Светиот Дух. Исус и на своите ученици им го вети Светиот Дух како Дух на вистината кој ќе ги воведе во полната вистина, Дух на силата со кој ќе сведочат за него, како и Дух утешител и бранител. Ветениот подарок на Духот го примија учениците на првите Духови и веднаш тој дар го пренесуваа на сите христијани со положување на рацете. Со тоа настанот Духови во Црквата се обновува во сите векови: Светиот Дух ги зацврстува срцата на Исусовите ученици во верата, во надежта, во Љубовта и во сведочењето. 

duh sveti Krizma foto-min

Потврдата го продолжува и го дополнува она посветување кое што започна со крштевањето. Затоа кај возрасните крштеници потврдата (кризмата) се доделува веднаш по крштевањето, а славата се довршува со евхаристијата: тоа се трите темелни таинства, тие потполно го воведуваат човекот во Црквата и нејзините благодати, однатре го израдуваат и го оспособуваат за живот во верата. Затоа и се викаат ‘таинства на пристап во христијанството’ или ‘таинства на иницијација’. По таинството на потврда (кризма) на посебен начин го примаме дарот на Светиот Дух кој нѐ исполнува со своето светло и со својата сила нѐ ‘потврдува’, односно нѐ зацврстува и нѐ утврдува во верата и љубовта. Она што Светиот Дух на таинствен начин ни го дарува и го спроведува во нас по таинството на потврда накратко можеме да го изразиме вака:
Светиот Дух ја усовршува и дополнува во нас внатрешна сличност со Христа (“уподобување” на Христа) која ни се дарува при крштевањето; со потврдата крштеникот се вклучува во Црквата поцелосно и лично (поцелосно се ‘внесува’ во таинството Христово Тело и на поцелосен начин станува член на Божјиот народ). Со тоа потврденикот станува поспособен и позадолжен да учествува во посланието на Црквата и да презема во неа служби и одговорности.

 

КОЈ МОЖЕ ДА БИДЕ КУМ НА ПОТВРДУВАЊЕТО (КРИЗМА)

  • католик со наполнети 16 години живот;
  • крстен, причестен и кризман (потврден);
  • кум не може да биде оној кој е само граѓански венчан односно мора да биде и црковно венчан (и кризман);
  • кум не може да биде кој е разведен и повторно граѓански венчан или живее во вонбрачна заедница;
  • кум не може да биде кој живее невенчано (на пример момче и девојка) се додека да не склопи таинство на света женидба;
  • кумот треба да живее согласно католичката вера и учењето на Црквата;
    таткото и мајката не можат да бидат кумови на своето дете;
  • Ако кумовите не се од нашата парохија мораат да донесат потврда од својот парох за да можат да кумуваат.