Божиќна полноќна миса во Скопската катедрала

Во вторник, 24 декември 2019 година свечената полноќна света Миса, во катедралата Пресвето Срце Исусово во Скопје ја предовдеше Скопскиот бискуп и Струмичко скопски епарх монс. др. Киро Стојанов во концелебрација со свештеници од скопска бискупија и струмичко скопска епархија.

Катедралата беше полна со мноштво верници, а на свеченоста присуствуваше и претседателот на Република Македонија Стево Пендаровски со сопругата Елизабета, како и заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, директор на Комисија за верски заедници Дарјан Сотировски, деканот на Православниот богословски факултет Ѓоко Ѓорѓевски, претставници на културниот и академскиот живот како и претставници на дипломатскиот кор.

Бискупот Стојанов во својата пригодна проповед рече: „Бог дојде во светот како дете. Оној кој е толку моќен, кој ги создаде небесата и земјата, кој на сите што живеат им вдахна свој дух на живот, се понижува и прифаќа да биде човек, да биде роден, прифатен, хранет, негуван. Така се манифестирала Божјата љубов во светот. И ние така треба да застанеме пред Бога, токму како деца. Кога знаеме дека сме од Бога сакани, тогаш треба да му возвратиме љубов на начин што ќе ги сакаме сите луѓе, без оглед какви сѐ и со какво име се нарекуваат. Бог, како дете, дојде на светот и се предаде целосно на луѓето да го хранат, негуваат, гледаат и воспитуваат. Божјата доверба кон човекот била голема. Тој и од нас очекува и нè повикува да му служиме токму во оние чии зборови едвај се слушаат во јавноста, кај малите и сиромашните или, со еден збор, кај оние во потреба“.

„Божјиот глас го слушна и папата Фрањо, кога на почетокот на мај одлучи да посети две балкански држави: Бугарија и Македонија, како гласник на мирот и љубовта. Овде кај нас, оваа посета беше во знакот на нашата Светица, света Мајка Тереза, чии напори ги пофали Светиот Отец, а преку тогашниот наш претседател Иванов, а во присуство на сегашниот Претседател Пендаровски, преставници на Владата и дипломатскиот кор, ни порача: „Ве охрабрувам: со самодоверба да истраете на патот што сте го зацртале, вашата Земја да ја направите светилник на мирот, прифаќање и плодна интеграција помеѓу културите, верите и народите!“ Мислам дека вечерва, како бискуп на оваа Црква, не можам да искажам поубава честитка од оваа“.

„Таму во јаслите лежи дете. Тоа не е обично дете, туку самиот Син Божји. Ова дете има чудна моќ, моќ што нè привлекува кон себе, велејќи ни: „Дојдете кај мене! Дозволете ми да го допрам вашето срце, тогаш ќе откриете дека сум ви брат, а и вие меѓу себе дека сте браќа и сестри“.

„Ова Дете кога ќе порасне повторно ќе ги обединува луѓето. Ќе им го одзеде стравот да не се плашат едни од други. Тој им дарува помирување, мир и заедништво. Така Исус собира околу себе голем круг на браќа и сестри од кои е создадена Црквата. За нив на почетокот се зборувало: Гледајте колку се сакаат. Зарем денес треба поинаку да се говори за нас? Не дај Боже“.

„Браќа и сестри, Исус да ни помогне да ја најдеме довербата што не прави човечни, да се учиме од Него на богољубност и човекољубност. Тој да ни помогне да ја најдеме таа блискост во нашите семејства, меѓу познатите и колегите, меѓу пријателите и соседите, во заедницата и во општеството, не само за овие празници, туку во текот на целата година и целиот наш живот. Во оваа радосно време да ги утеши тажните, да ги оздрави болните, да ги врати прогонетите на нивните огништа, а на сите нас да ни донесе радост и мир. Честит празник Рождество Христово! Христос се роди“.

Во дворот на Скопската катедрала се одржа традиционалниот Божиќен саем

На 15 декември 2019 година во дворот на скопската катедрал во организација на Македонски Каритас и Катедралната парохијата „Пресвето Срце Исусово“ – Скопје, а во соработка со Италијанската и Унгарската амбасада е организиран Божиќен саем. Покрај присуството на бискупот Стојанов, саемот беше посетен и од многу верници, граѓани, претставници на амбасади, како и од првата дама на Македонија г-ѓа Елизабета Ѓоргиевска.

Саемот понуди различни традиционални божиќни јадења и колачи, топли напитоци, украси и пригодни божиќни поклони.

Организирањето на Божиќниот саем имаше за цел собирање на средства, за сиромашни семејства, кои се корисници на помошта на Македонски Каритас.

Божиќниот саем во Скопје, традиционално се организира секоја година на третата недела од Божиќниот пост.