fokolari

Првите контакти со Движењето на фоколарите во Македонија датираат уште во 1965 год. кога  Антонио Петрили (еден од првите следбеници на Кјара Лубик) го посетуваше  својот пријател свештеник дон Лука Циримотиќ. Во 1983 година на радост  на тогашниот бискуп монс. Јоаким Хербут се одржуваат првите средби во  Скопје и на Косово кои се почеток на првите заедници. Во 1985 година со  Божја провидност се отвора можност за вработување во Македонија на едно  семејство фоколарини од Загреб кое во тоа го препознава Божјиот план за  нивниот живот и великодушно одговара на тој повик. По преселувањето во  Скопје, се остваруваат најразлични контакти: со соседите, во црквата, на  работното место… и така животот на дијалогот напредува. Се формираат  првите заедници кои ги сочинуваат млади и возрасни, семејства и  посветени, припадници на различни цркви, религии и луѓе без верско  определување. Од големо значење во тој заеднички пат се т.н.  „Маријаполи“ кои од 2000 год. се одржуваат редовно во Македонија.  „Маријаполи“ е повеќедневна средба под покровителство на Движењето на  Фоколарите кое го промовира оригиналниот соживот во љубовта.

Дијалогот  кој го промовира ова Движење се темели на духовноста, а во чие средиште  е љубовта. Таа наоѓа непосреден одглас и во другите религии и култури  благодарејќи на златното правило: „Прави им го на другите она што сакаш и  тебе другите да ти го прават“. И токму според остварувањето на ова  златно правило се остварува плодоносен дијалог.

Срцето на  Движењето на фоколарите се фоколаринките и фоколарите кои живеат во мали  лаички заедници, таканаречени фоколари. Пред сѐ, се залагаат да го  одржат жив пламенот на присутноста на воскреснатиот Христос од каде  доаѓа називот на целото движење (fuoco на италијански јазик  значи огниште). Привлечени од Бога, мажите и жените ги посветуваат  животите на Бога. Ги оставиле своите семејства, својата татковина за да  придонесат кон остварување на Исусовата молитва „Сите да бидат едно“.  Искуството на единство со Бога е сила која ги поттикнува на најразлични  географски ширини да градат мостови, да палат светлина на надеж и љубов  и да го победуваат насилството. Се издржуваат со сопствената работа и  приходите ги ставаат во заедништво. Овој пламен ги зафаќа и личностите  кои се во брак, верни на својот повик, а по радикалниот избор на  евангелскиот живот истовремено се полноправни членови на фоколарот. Кога  двата сопружници го делат овој живот, семејството – фоколар, во  согласност со семејната ситуација, се става на располагање да се пресели  во друг дел од светот каде нивната присутност може да придонесе за  единството.

Во светот има 7160 фоколарини припадници на различни народи, раси и религии, во 742 фоколари во 83 земји.

Можеби  најдобро ги опишува познатиот запис на Кјара Лубик: „Еве голема  привлечност на современата доба: да се проникне во најдлабока  контемплација, а сепак да се остане со сите… Би сакала да кажам повеќе:  да се изгубиш во мноштвото, за да го обликуваме со божественото…  станувајќи соучесници на планот Божји за човештвото да се обележи над  мноштвото со поврзувањето на светот, а во исто време да се споделат со  ближниот навредите, гладот, ударите, кратките радости“.

Во Скопје  женскиот фоколар се отвора во 2007 година и оттогаш ги следи  настојувањата околу евангелскиот стил на живот и различните иницијативи  на заедницата на Движењето во Македонија и на Косово, а со постојана  татковска поддршка на бискупот монс. Киро Стојанов.

Сѐ започна со  Кјара Лубик, основачка на Движењето на фоколарите која фоколарот го  дефинира како „Слика на Назаретското семејство, на соживотот во светот  на девствени и венчани личности– кои иако на различни начини – се  целосно дарувани на Бога“.

Денес, во женскиот фоколар во Скопје делуваат четири фоколарки, чија активност се остварува во воспитание на мали деца во градинка, промовирање на културата на дијалог и соживот,  парохиска катехеза и други парохиски активности.