Во неделата на 20 септември 2020, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. Киро Стојанов ја предводеше Евхаристиската прослава во Скопската катедрала „Пресвето Срце Исусово“, на која го воведе во служба новиот катедрален парох дон Паво Шекерија. Во оваа прилика го претстави и катедралниот парохиски викар дон Давид Л.Т. Регаладо. 

Обредот на воведување на новиот парох се состоеше од читање на декретот, исповедување на верата и примопредавање на клучевите. 

Толкувајќи го Божјото слово, исто така во својата проповед бискупот Стојанов упати охрабрувачки зборови кон новиот парох дон Паво Шекерија посакувајќи му истрајност во неговата должност и застапништво од Блажена Дева Марија. Својата благодарност бискупот му ја изрази и на дон Давид Л.Т. Регаладо кој исто така дојде во Македонија давајќи ја својата поддршка на нашата Црква, именувајќи го за катедрален викар во Скопје и раководител на парохијата „Пресвето Срце Исусово“ во Битола. 

Во оваа прилика бискупот Стојанов ги повика верниците да ја продолжат својата соработка со своите свештеници дон Паво и дон Давид, а над сѐ следејќи ги со молитва за оваа парохија да расте и да се развива за добробит на целата Црква.

Досегашниот парох во Битола, односно новиот катедрален парох во Скопје дон Паво Шекерија е свештеник на Врхбосанската надбискупија и директор на Македонскиот каритас. Исто така дон Давид Л.Т. Регаладо свештеник  на Врхбосансата надбискупија. Двајцата свештеници покрај нивната расположивост мисиски да делуваат во Скопската бискупија во Македонија, имаат благослов и поддршка од нивниот ординариј надбискупот метрополит врхбосански кардинал Винко Пулиќ, кој е исто така и метрополит за Скопската бискупија (кта/д.т)