Спомен-куќа8-min

Желбата да ѝ се оддаде почит на најпознатата скопјанка и единствената нобеловка од Македонија, резултираше со реализирање на долгопосакуваната идеја за изградба на Спомен-куќата на Мајка Тереза. По тој повод, на 9 мај 2008 година, беше поставен камен-темелникот на спомен-куќата. По само девет месеци беше изграден објектот посветен на најхуманата жена на светот. Спомен-куќата за посетителите беше официјално отворена на 30 јануари 2009 година. 

Локацијата на објектот не е случајно избрана. Имено, на ова место, до земјотресот во 1963 година се наоѓала католичката црква „Пресвето Срце Исусово” во која Мајка Тереза, тогаш Гонџа Бојаџиу, била крстена само еден ден по своето раѓање.

галерија-min

Од отворањето во 2009 година, па сѐ до денес, спомен-куќата е посетувана од 80.000 до 100.000 посетители годишно, меѓу кои биле и голем број претседатели на држави, министри, амбасадори, црковни великодостојници, Аге, внуката на Мајка Тереза, кардиналот Пјетро Паролин (државен секретар на Ватикан), отец Лео Масбург (биограф на Мајка Тереза), Марија Према (генералната сестра на редот на „Милосрдните сестри“) како и многу други.

 

Внатрешноста на изложбениот простор во спомен-куќата на Мајка Тереза е направена со цел да потсетува на типична градска куќа од Македонија на почетокот на XX-от век.

 

Поставката започнува со фотографии од старо Скопје од почетокот на дваесеттиот век кога Македонија сѐ уште била дел од Отоманската империја, а со цел да се долови духот на овој дел од Балканот како крстосница меѓу ориенталниот Исток и христијанскиот Запад. Преплетувањето на културите се проткајува низ секоја нишка на секојдневјето и е најдобро илустрирана преку изложениот мебел, кујунџиските изработки, облеката итн.

 

Концептот на изложбата е да се следи животниoт пат на Мајка Тереза од нејзиното детство поминато во родното Скопје преку годините поминати како Мисионерка на Милосрдието, па сѐ до нејзината смрт, беатификација и канонизација.

 

Најзначајни предмети изложени во музејот се белото сари со сини ленти (второстепена реликвија), кое е нејзин знак на распознавање и воедно официјална униформа на Мисионерките на Милосрдието, копија од крштеницата издадена во католичката црква „Пресвето срце Исусово“, авторизирани копии од документи со нејзин ракопис и добиени награди.

капела

Меѓу документите се изложени и молитвеникот напишан од Мајка Тереза, копија од Нобеловата награда за мир добиена во 1979 година, како и копија од писмото пратено до градоначалникот на град Скопје, Методи Антов, по повод добивањето на наградата.

Над изложбениот простор се наоѓа светилиште на света Мајка Тереза каде се одржуваат свети миси. На свечените миси, поврзани со значајни датуми од животот на Мајка Тереза, се изложува нејзината првостепена реликвија.

(текстот и фотографиите се преземени од  https://memorialhouseofmotherteresa.com/ )