Отворена официјална веб – страница на Скопската катедрална парохија

На 7 мај 2020, денот кога ја одбележуваме првата годишнина од Апостолската посета на папата Франциск на нашата земја, ја отвораме официјалната веб – страница на Католичката катедрална парохија „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје.

www.srceisusovo.mk е местото каде ќе ги објавуваме најновите информации од нашата парохија, но и место каде ќе можете да ги добиете основните информации за структурата на нашата парохија, за заедниците и групите кои делуваат во неа. Сето тоа збогатено со многу фотографии и видеа од настаните кои се случиле и ќе се случуваат во нашата катедрала. 

Покрај нашата Фејсбук страница и You tube канал, ова е уште еден начин да бидеме поблиску до вас драги верници. 

Во оваа прилика сакам да ја изразам мојата благодарност до брачниот пар Ена и Филип Чаусидис, како и на дон Фабијан Штедул за нивниот волонтерски придонес во изработка на оваа веб-страница.

Како што посетата на папата Франциск на нашата земја беше прекрасен дар од небото, така и оваа страница, која симболично ја отвораме токму на денешниот ден, нека биде подарок од небото за сите вас драги верници.

Со Божји благослов, вашиот поарох дон Давор Топиќ

Одржана видео конференција по повод првата годишнина од посетата на папата на нашата земја

По повод првата годишнина од посетата на папата Франциск на нашата земја, денес на 7 мај 2020 беше одржана онлајн конференција со цел да се оживеат историските моменти од оваа знајачна посета. Учесници беа домаќинот монс. д-р Киро Стојанов, Апостолскиот нунциј за Република Македонија, монс. Анселмо Гвидо Пекорари, кардинал Винко Пуљиќ, поранешниот претседател на Македонија г-дин Ѓорге Иванов, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, г-дин Бујар Османи, вицепремиер задолжен за европски прашања г-дин Виктор Димовски, поранешен Државен секретар во МНР, г-дин Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верските заедници и други видни личности од земјата и регионот, а ќе бидат воспоставени линкови со Скопје, Сараево, Софија, Белград, Загреб и други градови од земјата и од регионот.

Конференцџијата беше пренесувана преку you tube каналот на Радио Марија Македонија.