Скопскиот парох дон Давор Топиќ се збогува со своите парохијани

На 5 јуни 2020 година на крајот од свеченото литургиско славење во 10.30 часот во Скопската катедрала монс. Киро Стојанов ја откри и благослови спомен плочата во сеќавање на посетата на Папата Фрањо на Македонија и неговата молитва во катедралата, пред една година, во мај 2019 год. Спомен плочата е направена од мермер и останува траен знак на историската посета , како и повик и обврска да го сведочиме повикот на Папата: Бидете светлина на мирот!

Воедно ова Евхаристиско славење беше и проштално за досегашниот скопски декан и парох, дон Давор Топиќ. Пред седум години, во август 2013 год. симболично на роденденот на света Мајка Тереза дон Давор пристигна во служба како парох во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ – Скопје. Бискупот Стојанов се присети на многу настани кои имаа свој врв со незаборавната посета на Светиот Отец во овие изминати 7 години и се заблагодари за неговото несебично градење и дарување во оваа локална црква. Благодарност до парохот упатија и парохиските претставници, а и самиот парох упати благодарност на Бога за искуството во оваа локална црква, на бискупот за татковската љубов и близина и на сите парохјани за заедничкиот пат низ ова време. Ги повика сите со иста отвореност да го дочекаат и примат новиот парох.

Во вечерните часови истиот ден, парохот дон. Давор преку видео конференција се сретна со парохјаните. Во семеен и чувствителен дух си разменија сеќавања и искуства на прекрасниот мозаик на заедништво кое се ткаеше од ден во ден, во радосни и болни моменти. ,,Сите наши односи, сето она што е убаво, ако сме со Христос, ако сме во Бога, остануваат и нека Бог го благослови ова наше големо семејство кое се вика Црква”, со овие зборови дон. Давор се прости од своите парохјани од кои многу не можеа да ги сокријат солзите. Ви благодариме дон Даворе!

Поставена спомен – плоча по повод посетата на папата Франциск

Во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје на 5 јули 2020 год., pосле неделната света Литургија, скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх монс. Киро Стојанов ја откри и благослови спомен плочата во знак на 29. Апостолско патување на Неговата Светост папата Фрањо на 7 мај 2019 година во Македонија.

Бискупот Стојанов кажа дека оваа плоча ќе биде знак и ќе упатува во историскиот настан на Апостолската посета која ја живееше оваа црква и целата држава Македонија.

На плочата е насликано логото на Апостолската посета, а текстот е напишан на македонски и англиски јазик.

„НЕ БОЈ СЕ, МАЛО СТАДО“

Лука 12,32

НЕГОВАТА СВЕТОСТ

ПАПАТА ФРАНЦИСК

ЗА ВРЕМЕ НА СВОЕТО XXIX АПОСТОЛСКО ПАТУВАЊЕ НА

Р. МАКЕДОНИЈА НА 7 МАЈ 2019 ГОДИНА

ЈА ПОСЕТИ ОВАА СКОПСКА КАТЕДРАЛА И СЕ СРЕТНА СО

СВЕШТЕНИЦИТЕ, НИВНИТЕ СЕМЕЈСТВА И БОГОПОСВЕТЕНИТЕ

ОВАА ПЛОЧА ВО ЗНАК НА БЛАГОДАРНОСТ НА ТРОЕДИНИОТ БОГ ЗАЕДНО СО БОГОПОСВЕТЕНИТЕ ЛИЦА И ВЕРНИЦИТЕ НА ЦРКВАТА ВО МАКЕДОНИЈА ЈА ПОСТАВУВА

МОНС. Д-Р КИРО СТОЈАНОВ, БИСКУП

„БИДЕТЕ СВЕТИЛНИК НА МИРОТ“

ПАПА ФРАНЦИСК

Исто така, пригодна плоча е поставена и во бискупската резиденција во Скопје.