Распоред на Свети миси за време на Божиќниот период

Божиќ 25.12.2020

10:30 во катедралата „Пресвето Срце Исусово“
18:00 во катедралата „Пресвето Срце Исусово“

Свети Стефан Првомаченик 26.12.2020

10:30 во катедралата „Пресвето Срце Исусово“
18:00 во катедралата „Пресвето Срце Исусово“

Свето Семејство 27.12.2020

10:30 во катедралата „Пресвето Срце Исусово“
18:00 во катедралата „Пресвето Срце Исусово“

Божиќната Света миса во катедралата ќе започне во 18 часот

Драги верници, заради вонредната ситуација со пандемијата, полноќната Света миса во Скопската катедрала „Пресвето Срце Исусово“ оваа Божиќна вечер (24.12.2020) ќе се одржи во 18 часот.

Во дворот на црквата ќе имаме обезбедено и видео бим со озвучување за верниците кои ќе бидат во дворот да бидат во можност да ја следат свечената Света миса.

На Божиќ (25.12.2020) распоредот на Светите миси е следниот:

10:30 во катедралата „Пресвето Срце Исусово“
18:00 во катедралата „Пресвето Срце Исусово“


Со почитување на мерките за заштита, одговорно и радосно да го дочекаме Христовото раѓање!

Монсињор Антун Циримотиќ замина во вечноста

Драги верници, со длабока тага ве информираме дека по долго и тешко боледување денес замина во вечноста монсињор Антун Циримотиќ. Погребот ќе се одржи утре, четврток 29 октомври 2020, на гробиштата „Бутел“ во 12 часот.

Монсињор Циримотиќ е по потекло од Јањево (Косово), роден е на 1 април 1937 година од татко Јосип и мајка Драгица. Ова семејство на Бог и на Црквата му дарува два сина свештеници, Лука и Антун.

По завршувањето на основното училиште во 1950 година во родното место, заминува во семинаријата во Пазин, а потоа на Богословија во Загреб. За свештеник е ракоположен на 4 јули 1965 година од бискупот Смиљан Фрањо Чекада. Набргу после ракополагањето му е доверена службата управител на парохијата Зјум, покрај Призрен. Тука го учи и албанскиот јазик. По желба на верниците и со нивна помош ја гради филијалната црква која е посветена на света Ана.

Во 1969 година е именуван за консултор и нотар на Женидбениот суд. Во октомври 1970 година бискупот Јоаким Хербут го именува за негов личен секретар. Покрај обврските во ординаријатот доверена му е и грижата за градба на катедралата и пасторалниот центар во Скопје.

Од есента 1983 до летото 2002 година ја врши службата ректор на бискупската семинарија во Скопје како и професор, а од март 1984 година до декември 1993 година управува и со катедралната парохија во Скопје.

Во 1986 година папата Иван Павле II го именува за негов капелан – монсињор. Во 1991 година е именуван за директор на Македонски Каритас и таа служба ја извршува до ноември 2017 година. Истовремено се грижи и за изградба на пасторалниот центар во Охрид. Од ноември 2005 до 2017 година  ја извршува службата генерален викар на Скопската бискупија и Апостолскиот егзархат. Од страна на бискупот Киро Стојанов му е доверена грижата за медиуми и односи со јавност, како и за меѓурелигискиот дијалог. Од страна на бискупот Стојанов е именуван за директор на Радио Марија на 31 јули 2013 година, служба која ја извршува до 29 октомври 2017 година. Беше долгогодишен духовник на сестрите Евхаристинки, а својот златен свештенички јубилеј го прослави на 13 јуни 2015.

По повод доаѓањето на папата Франциск во Скопје на 7 мај 2019 година во катедралата Пресвето Срце Исусово во придружба на бискупот Стојанов папата Фрањо пристапи до монс. Циримотиќ бакнувајќи му рака и со тој гест искажа почит за неговата свештеничка пожртвуваност и активност.

Една седмица пред својата смрт монс. Циримотиќ беше во Клиничкиот центар „Мајка Тереза “ во Скопје. Црквата во Македонија предводена од бискупот Стојанов се благодарни за неговиот живот и дело и ги упатуваат своите молитви до Господ да го прими во своето Царство.

Погребниот обред ќе биде во четврток 29 октомври 2020 година во 12.00 часот на градските гробишта Бутел во Скопје, а задушната света Литургија ќе се служи истиот ден во Скопската катедрала во 18.00 часот.

Господ Бог нека го прими во вечното почивалиште, таму каде што почиваат душите на праведните. Вечен спомен.

/преземено од к.мк

Замина во вечноста сестра Татјана Атанасова

На 21 октомври 2020 година по кратко боледување почина сестра Татјана Атанасова, чесна сестра од редот на сестрите Евхаристинки.

Таа беше долгогодишна диригентка на катедралниот хор „Пресвето Срце Исусово“ при католичката катедрала во Скопје. Предводен од неа, хорот ги збогатуваше секојдневните и свечените Свети миси во катедралата, одржуваше концерти, а беше дел и од Светата миса на плоштадот „Македонија“ по повод Апостолската посета на папата Франциск на нашата земја.

Преведуваше текстови и книги посветени на ликот и делото на отец Јосиф и сестра Еврозија Алоати, основачи на редот на сестрите Евхаристинки. Последните години беше гласник на евангелието преку социјалните мрежи.

Бискупот Стојанов го воведе дон Паво Шекерија во службата катедрален парох во Скопската парохија

Во неделата на 20 септември 2020, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. Киро Стојанов ја предводеше Евхаристиската прослава во Скопската катедрала „Пресвето Срце Исусово“, на која го воведе во служба новиот катедрален парох дон Паво Шекерија. Во оваа прилика го претстави и катедралниот парохиски викар дон Давид Л.Т. Регаладо. 

Обредот на воведување на новиот парох се состоеше од читање на декретот, исповедување на верата и примопредавање на клучевите. 

Толкувајќи го Божјото слово, исто така во својата проповед бискупот Стојанов упати охрабрувачки зборови кон новиот парох дон Паво Шекерија посакувајќи му истрајност во неговата должност и застапништво од Блажена Дева Марија. Својата благодарност бискупот му ја изрази и на дон Давид Л.Т. Регаладо кој исто така дојде во Македонија давајќи ја својата поддршка на нашата Црква, именувајќи го за катедрален викар во Скопје и раководител на парохијата „Пресвето Срце Исусово“ во Битола. 

Во оваа прилика бискупот Стојанов ги повика верниците да ја продолжат својата соработка со своите свештеници дон Паво и дон Давид, а над сѐ следејќи ги со молитва за оваа парохија да расте и да се развива за добробит на целата Црква.

Досегашниот парох во Битола, односно новиот катедрален парох во Скопје дон Паво Шекерија е свештеник на Врхбосанската надбискупија и директор на Македонскиот каритас. Исто така дон Давид Л.Т. Регаладо свештеник  на Врхбосансата надбискупија. Двајцата свештеници покрај нивната расположивост мисиски да делуваат во Скопската бискупија во Македонија, имаат благослов и поддршка од нивниот ординариј надбискупот метрополит врхбосански кардинал Винко Пулиќ, кој е исто така и метрополит за Скопската бискупија (кта/д.т)

Скопскиот парох дон Давор Топиќ се збогува со своите парохијани

На 5 јуни 2020 година на крајот од свеченото литургиско славење во 10.30 часот во Скопската катедрала монс. Киро Стојанов ја откри и благослови спомен плочата во сеќавање на посетата на Папата Фрањо на Македонија и неговата молитва во катедралата, пред една година, во мај 2019 год. Спомен плочата е направена од мермер и останува траен знак на историската посета , како и повик и обврска да го сведочиме повикот на Папата: Бидете светлина на мирот!

Воедно ова Евхаристиско славење беше и проштално за досегашниот скопски декан и парох, дон Давор Топиќ. Пред седум години, во август 2013 год. симболично на роденденот на света Мајка Тереза дон Давор пристигна во служба како парох во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ – Скопје. Бискупот Стојанов се присети на многу настани кои имаа свој врв со незаборавната посета на Светиот Отец во овие изминати 7 години и се заблагодари за неговото несебично градење и дарување во оваа локална црква. Благодарност до парохот упатија и парохиските претставници, а и самиот парох упати благодарност на Бога за искуството во оваа локална црква, на бискупот за татковската љубов и близина и на сите парохјани за заедничкиот пат низ ова време. Ги повика сите со иста отвореност да го дочекаат и примат новиот парох.

Во вечерните часови истиот ден, парохот дон. Давор преку видео конференција се сретна со парохјаните. Во семеен и чувствителен дух си разменија сеќавања и искуства на прекрасниот мозаик на заедништво кое се ткаеше од ден во ден, во радосни и болни моменти. ,,Сите наши односи, сето она што е убаво, ако сме со Христос, ако сме во Бога, остануваат и нека Бог го благослови ова наше големо семејство кое се вика Црква”, со овие зборови дон. Давор се прости од своите парохјани од кои многу не можеа да ги сокријат солзите. Ви благодариме дон Даворе!

Поставена спомен – плоча по повод посетата на папата Франциск

Во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје на 5 јули 2020 год., pосле неделната света Литургија, скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх монс. Киро Стојанов ја откри и благослови спомен плочата во знак на 29. Апостолско патување на Неговата Светост папата Фрањо на 7 мај 2019 година во Македонија.

Бискупот Стојанов кажа дека оваа плоча ќе биде знак и ќе упатува во историскиот настан на Апостолската посета која ја живееше оваа црква и целата држава Македонија.

На плочата е насликано логото на Апостолската посета, а текстот е напишан на македонски и англиски јазик.

„НЕ БОЈ СЕ, МАЛО СТАДО“

Лука 12,32

НЕГОВАТА СВЕТОСТ

ПАПАТА ФРАНЦИСК

ЗА ВРЕМЕ НА СВОЕТО XXIX АПОСТОЛСКО ПАТУВАЊЕ НА

Р. МАКЕДОНИЈА НА 7 МАЈ 2019 ГОДИНА

ЈА ПОСЕТИ ОВАА СКОПСКА КАТЕДРАЛА И СЕ СРЕТНА СО

СВЕШТЕНИЦИТЕ, НИВНИТЕ СЕМЕЈСТВА И БОГОПОСВЕТЕНИТЕ

ОВАА ПЛОЧА ВО ЗНАК НА БЛАГОДАРНОСТ НА ТРОЕДИНИОТ БОГ ЗАЕДНО СО БОГОПОСВЕТЕНИТЕ ЛИЦА И ВЕРНИЦИТЕ НА ЦРКВАТА ВО МАКЕДОНИЈА ЈА ПОСТАВУВА

МОНС. Д-Р КИРО СТОЈАНОВ, БИСКУП

„БИДЕТЕ СВЕТИЛНИК НА МИРОТ“

ПАПА ФРАНЦИСК

Исто така, пригодна плоча е поставена и во бискупската резиденција во Скопје.

Прославен патрониот празник Пресвето Срце Исусово

На 19 јуни 2020, на празникот „Пресвето Срце Исусово“ заштитник на Скопската бискупија и Kатедралната парохија во Скопје свечената евхаристиска прослава ја предводеше Скопскиот бискуп и епарх Струмичко – скопски,  монс. д-р Киро Стојанов.

Исто така за време на светата миса бискупот Стојанов го благослови елејот које се користи за елеопомазание на болните како и миро које се користи за крштење, миропомазание, свештеничко ракопологање и за осветување на нови цркви. 

Во својата хомилија бискупот рече: „Драги браќа и сестри, Побожноста кон Пресветото Срце Исусово за нас овде присутни и за голем број верници е една многу убава, корисна и спасоносна побожност. Празнувањето на оваа Таинството – Срце Исусово не води до самиот центар на економијата на спасението и до најдлабоката и најинтимна средба со Бога. Денес со вас би сакал најмногу да размислувам за тоа што апостол Иван пишува во своето прво послание, а кое пред малку го слушнавме. Во целото св. Писмо на Стариот и Новиот завет има само две места каде се прави обид да се изрази со човечки зборови Божјата бит.„

„Првото читање од книгата на Второзаконие или петта книга Мојсеева не потсетува на Божјата верност што се грижи за својот народ, го води, помага и брани, одржува Сојуз со Него само затоа што е верен на себе. Голема вистина за нас над која треба да се замислиме: ние во својата мала слобода можеме да бидеме неверни на Бога, можеме за жал да го напуштиме Бога, но Тој нас не може бидејќи не може да се одрече од својата Божествена верност – Тој останува верен. На тоа сознание далеку подлабоко ја темели св. Иван својата порака во оваа послание. Најнапред тој верноста на Божјата љубов ја гледа во тоа што Бог, тоа што не сме го заслужиле, ни го испрати својот Единороден Син и заклучува да во тоа е љубов, не дека ние сме го љубеле Бога туку дека Тој не љубеше нас и го испрати својот Син како помирител на нашите гревови. Значи, пред да ние воопшто можевме Бога да го љубиме Тој не љубеше нас. Од тоа следи дека Бог не може да има во себе никаква друга причина за повикување на човекот во живот освен причината која е во Него, а тоа е љубовта. Тој создавајќи ја „разлева“ својата љубов на сите созданија. Единствено ангелот и човекот се на кои така им се објавува да со нив може да воспостави дијалог на љубовта. Ние љубејќи го Бога на Неговата љубов не можеме ништо да додадеме. Но, знаејќи дека сме љубени можеме со изворот на љубовта љубејќи да воспоставиме дијалог Созданијата со Создателот и во тој дијалог да бидеме радосни, благодарни, восхитени бидејќи сме деца на љубениот – Љубовта„. 

„Според оваа Иван не води на темелот на христијанството доколку христијанството е нов Божји народ и доколку Црквата е таа заедница која Исус ја основа. До спознанието на Божјата љубов или Бога како љубов не можеме на друг начин да дојдеме туку со дар и тоа со дарот на Светиот Дух. Патот на нашето оправдување дека сме сфатиле или барем прифатиле дека сме деца на Божјата љубов можеме само преку човекот. Затоа централна тема на оваа послание е братската љубов. Дословно Иван вели: „да се љубиме еден со друг, зашто љубовта е од Бога, и секој, кој љуби, е роден од Бога и Го познава Бога; кој не љуби, тој не Го познал Бога, зашто Бог е љубов“ (1 Ив 4,7-8). Во Божјото дарување на Синот за наше помирување Бог постави темел на човекот за човекот. Иван вели: „кога така нè возљуби Бог, тогаш и ние сме должни да се љубиме еден со друг. Ако се љубиме еден со друг, Бог пребива во нас“ (1 Ив 4,11-12). За нас овој програм на верскиот живот навистина е доста тежок. Поедноставно кажано тоа значи дека не можеме да го љубиме Бога ако не го љубиме ближниот. Дури и тоа дека не можеме да го препознаеме Бога ако во ближниот не го познаваме и препознаваме својот брат. Затоа е важно да согледаме дека Иван ни покажува како е тоа сепак можно. Тој вели според оваа знаеме дека ние пребиваме во Него и Тој во нас: знаеме по тоа што ни дал од Својот Дух. Ако веруваме дека е Светиот Дух – Дух на љубовта на Отецот и Синот, тогаш Бог не дека нешто ни дал туку ни се даде самиот себе. Нема два Света Духа само е еден кој е Дух на Отецот и Синот и ако од тој Дух ни дал тогаш ни се дал себе да тоа што не можеме ние слабите по себе можеме да го оствариме по Него. Можеме да ги љубиме браќата со силата на Светиот Дух„.   

„Така дојдовме до третата порака на денешниот празник, а тоа е посланието на Црквата. Црквата е заедница и заедница која ја собира Светиот Дух. Апостолот вели: И ние видовме и сведочиме. Што? Сведочиме дека Бог е љубов  дека за спасение на човекот го испрати својот Син и дека темел на нашата вера е прифаќање и исповедување дека Исус е Божји Син. Црквата е повикана и затоа постои да таа вистина ја навестува до свршетокот на светот и до крајот на времето.  На таа доверба, на тоа искуство дека Бог е љубов се темели нашата сила на сведоштвото, бидејќи Црквата не е само навестителка туку и сведок. Омилена тема на папата Фрањо е зборот сведок – сведочење. Божјата љубов не се навестува туку се сведочи. Од таа сила на сведочење папа Фрањо го извлекува другиот темелен поим на христијаните во наше време а тоа е сигурност и радост на спасените. Христијанството не може да биде намрштено, тажно, христијанството е радосно бидејќи е во заедништво со Бога„.    „Драги браќа и сестри, треба искрено и понизно да признаеме: убаво е оваа што сега го размислувавме но кој може така да живее. Затоа да се загледаме во Исус. Тој денес ни вели: „Дојдете кај мене сите изморени и  обременети и Јас ќе ве успокојам, поучите се од Мене бидејќи сум кроток и смирен по срце“ (Мт 11,28-29). И ние сме денес пред Исус токму такви уморени и обременети и сакаме својата душа да ја окрепиме на Неговото смирено срце и да сфатиме дека Неговиот јарам не е тежок и Неговото време не е невозможно ни за мене како единка ниту за Црквата како заедница ако знаеме да му служиме на човекот во понизност и љубов. Во завршната молитва на денешната Богослужба токму тоа ќе молиме да знаеме да ги љубиме ближните и на тој начин да ја навестуваме Божјата љубов. Амин„.

Домашната црква во Македонија со благодарност за посетата на Папата пред една година

Радосен и длабок момент на заедништво живееа преку 150 учесници на видео конференцијата во петокот, 8.05.2020 во вечерните часови, во знак на одбележување на една година од посетата на Папата на Македонија. Тоа беше средба на пастирите со своите верници. Модераторот дон Давор Топиќ потсети на „убавата сличност со празникот на Мајка Посредователка и вечерашната Zoom конференција. Нека Бог како Црква ни даде сила да можеме да бидеме и правиме пророчки знаци.“

На конференцијата се вклучија свештениците од сите парохии, монашки заедници и семејства од цела Македонија. Учесниците на самиот почеток ги поздрави локалниот бискуп монс. Киро Стојанов, истакнувајќи радост за посетата на Папата, и милосните моменти кои ги живееше Црквата. Потоа се разменија впечатоци од минатогодишната средба со папата Франциск во различни моменти на тој историски настан, сведочења од животот во време на пандемија, не недостасуваше и радосна песна која ја испејаа семејствата од своите домови. Се потврдува и доживува како актуелната ситуација предизвикана од пандемијата ни помага да откриеме нов начин и стварност на домашната Црква.

„Ова е време во кое Бог дава големи милости за Црквата.“, нагласи во своето обраќање монс. Антун Циримотиќ. „И вечерва доживеавме едно семејство во Господа, како стварност на она што папа Франциск го потцрта во својата посета, дека треба да бидеме мост помеѓу Исток и Запад. Не треба да се плашиме да го трошиме својот живот во љубовта, нека Мајка Тереза ни биде пример“, ги охрабри бискупот сите присутни. Средбата беше заклучена со заедничка молитва и благослов од бискупот.