Вокално-инструменталната група - бенд „Агапе“ е основана во мај 2015 година од страна на тогашниот капелан дон Јошт Мезег. Составена е од десет млади кои сакаат со песна да го слават Бог. Од инструментите се користат: гитари, саксофон, флејта, клавир и тапан. Бендот Агапе првпат настапи на прославата на катедралниот патрон и на Златната миса на монс. Антун Циримотиќ во 2015 година. Воедно бендот анимира пеење на мисите кога во нашата парохија се слави Заветниот ден на света Мајка Тереза секој петти во месецот, зема учество во реализацијата на божиќните концерти низ Македонија, како и во културни настани на промоции на книги и придонесува за музичката програма на Радио Марија Македонија. Бендот го анимираше пеењето на бдението по повод татковинската прослава „Денови на света Мајка Тереза“ во Скопје во чест на нејзината канонизација на 10 септември 2016 година.
Бендот настапи и на Екуменската и меѓурелигиска средба на папата Франциск со младите, која се одржа во текот на неговата Апостолска посета на Македонија на 7 мај 2019.
Членовите на бендот ја компонираа позната песна на света Мајка Тереза „Простување“ што ја напиша додека го напушташе Скопје одејќи во мисии; химната на бендот со наслов „Агапе“ и делови на Мисата на македонскиот јазик.