Со Светата тајна на ракоположувањето преку Божественото востановување, некои од верниците, со траен белег со кој се означуваат, се поставуваат за посветени службеници кои се посветуваат и одредуваат, секој според својот степен, вршејќи ја во личноста на Христос службата на поучувањето, посветувањето и управувањето, водењето на Божјиот народ.

Светата тајна на ракоположувањето има три степени:

  • ѓаконат
  • презбитерат (свештенство)
  • епископат ( бискупство )

Се поделува со полагање на рака и посветна молитва која за секој поединечен степен ја препишуваат богослужбените книги. Поделувањето го врши посветениот бискуп, а во случај на посветување на кандидат за бискупство заедно со главниот посветител учествуваат уште барем двајца посветители.

D8E_0992-min

Кој е ѓакон?

Во Новиот Завет се спомнува службата на ѓакон ( грч. diakoneín = да служи; Фил 1, 2;1 Тим 3,8сл. ). Некој вид претходници на ѓаконството можеме да ги сметаме како оние седум мажи кои, според извештајот во Дела 6, 1-6, ерусалимската зањдница ги избрала, а апостолите по молитвата и полагањето на рацете ги поставиле за свои помошници. Иако првата служба им била ‘служба кај столовите’, значи одредена социјално-каритативна задача, многу брзо ги гледаме тука тие седумина и во служба на навестување, обраќање сѐ до крштевањето ( Стефан, Филип ).

Додека источните Цркви сѐ до денес ѓаконатот го одредуваат како постојана доживотна служба, на Запад уште од раниот среден век е познат како степен на патот кон презбитератот. Некој станувал ѓакон, не за да остане на тој чин, туку да може да стане презбитер. Тридентскиот собор (1545-1563) пробал да воведе траен ѓаконат, но тој заклучок не бил спроведен. До тоа дошло дури на Вториот ватикански собор. Така документот Lumen gentium 29 ги одредува најпрво задачите на ѓаконот: Службата на ѓаконот, како што ќе му ја одреди надлежната власт, свечено да доделува крштевање, да ја чува и да ја дели евхаристијата, во име на Црквата да присуствува на венчавките и да ги благословува, да им носи причест на оние кои умираат, да им чита на верниците Свето писмо, да го поучува и да го поттикнува народот, да води богослужба и молитва на верниците, да дели благослов, да го води обредот на погребот и закопот; посветени со должностите на христијанската љубов и помагање…

Трајниот ѓаконат може да го побараат оженетите и неоженетите мажи. На оженетите мажи во зрело доба ( не под 35 години ) ѓаконатот може да се подели со согласност на Римскиот бискуп. Истата постапка се дава и на неоженетите мажи, меѓутоа, нив ги врзува обврската на целибат низ целиот живот. 
Кандидатите за презбитерат ја преземаат од ѓаконатот и обврската на молење на Часослов, додека на трајните ѓакони им се советува како многу прикладно за срцето да се моли дневно дел од Часословот кое ќе го одреди бискупската конференција.

IMG_5797-min (1)

Кој е свештеник?

Свештеникот е ‘alter Christus - друг Христос’, бидејќи во Христовото име делува според зборовите: “Како што мене ме прати Отецот, така и јас ве праќам вас“ (Ив 20, 21). Свештеникот е Христов слуга: значи како оружје на божествениот Откупител, за да може низ времето да го врши неговото прекрасно дело.

Свештеничкиот повик е тајна. Тоа е тајна ‘чудесна размена’ - admirabile commercium - помеѓу Бог и човекот. Свештеникот на Христос му го дарува своето човечко, за Тој со него да се послужи како средство за спасение, правејќи од него скоро втор како себе.
Целта на презбитерското служење е по зборовите на св. Августин (De civitate Dei) да „целиот откупен град, т.е седина и друштво на свети, да се прикаже на Бог како сеопшта жртва по Големиот Свештеник кој и самиот себе во својата Мака прикажал за нас да можеме да бидеме едно тело на така возвишена Глава“.

Во Посланието на Евреите (5,1-4) се зборува за положбата на свештеникот: „Зашто секој првосвештеник, кој од луѓе се избира, за луѓето се поставува на служба Божја, да принесува дарови и жртви за гревовите, и да може да ги разбира оние, што се неумешни и заблудени, бидејќи и сам е со слабости; и затоа е должен како за народот, така исто и за своите гревови да принесува жртви. И никој сам не се здобива со таква чест, освен оној, кој е повикан од Бога, како и Арон.“

Свештеникот, за разлика од ѓаконот, може да ги дели Светите тајни на помирувањето (исповед), болничко помазание, потврда (со посебна дозвола од бискупот) и да ја води св. литургија односно, да го посветува лебот и виното во Тело и Крв Христова.

D8E_0793-min

Кој е бискуп?


Бискупот е оној кој ја продолжува изворната апостолска служба. Служба на поглавар (грч. proistamenoi) која се среќава во првите заедници основани од св. Павле (1Сол 5, 12) се јавува покасно во изградените еврејско - христијански заедници како колегијална служба на старешини (présbyteroi: Дела 11, 30; 15, 2) , а во паганско - христијанските заедници како епископи (grč. epískopos: Фил 1, 1). Веќе во Дела 20, 17-30 оваа служба се нарекува ‘пастирска служба’.


Во документот Lumen gentium 21 стои дека по бискупското посветување се пренесува ‘полнота’ на Светата тајна на ракоположувањето и дека „бискупите на одличен видлив начин ја вршат улогата на самиот Христос, Учител, Пастир и Свештеник, и делуваат во негово име“.
За бискупите е својствено споделувањето на Светите тајни потврда и ракоположување на кандидатите за ѓаконат и презбитеријат.