Радосен и длабок момент на заедништво живееа преку 150 учесници на видео конференцијата во петокот, 8.05.2020 во вечерните часови, во знак на одбележување на една година од посетата на Папата на Македонија. Тоа беше средба на пастирите со своите верници. Модераторот дон Давор Топиќ потсети на „убавата сличност со празникот на Мајка Посредователка и вечерашната Zoom конференција. Нека Бог како Црква ни даде сила да можеме да бидеме и правиме пророчки знаци.“
На конференцијата се вклучија свештениците од сите парохии, монашки заедници и семејства од цела Македонија. Учесниците на самиот почеток ги поздрави локалниот бискуп монс. Киро Стојанов, истакнувајќи радост за посетата на Папата, и милосните моменти кои ги живееше Црквата. Потоа се разменија впечатоци од минатогодишната средба со папата Франциск во различни моменти на тој историски настан, сведочења од животот во време на пандемија, не недостасуваше и радосна песна која ја испејаа семејствата од своите домови. Се потврдува и доживува како актуелната ситуација предизвикана од пандемијата ни помага да откриеме нов начин и стварност на домашната Црква.
„Ова е време во кое Бог дава големи милости за Црквата.“, нагласи во своето обраќање монс. Антун Циримотиќ. „И вечерва доживеавме едно семејство во Господа, како стварност на она што папа Франциск го потцрта во својата посета, дека треба да бидеме мост помеѓу Исток и Запад. Не треба да се плашиме да го трошиме својот живот во љубовта, нека Мајка Тереза ни биде пример“, ги охрабри бискупот сите присутни. Средбата беше заклучена со заедничка молитва и благослов од бискупот.