По повод посетата на папата Фрањо на Република Албанија, група од 85 верници од Скопската парохија Пресвето Срце Исусово на 21 септември ја посетија Тирана. Групата беше предводена од Скопскиот парох дон Давор Топиќ и парохискиот викар Јошт Мазек, а дел од групата беа неколку чесни сестри и богослови. Верниците имаа прилика да го следат преносот од слетувањето на папата од аеродромот„Мајка Тереза“, а потоа имаа прилика да го видат и неговото доаѓање во Претседателската палата каде што папата беше пречекан со највисоките државнички почести од страна на неговиот домаќин претседателот на Р. Албанија Бујар Нишани.
Централното случување се одвиваше на плоштадот Мајка Тереза каде папата ја предводеше светата Миса на која присуствуваа над 500.000 лица, меѓу кои освен верници католици, можеше да се сретнат и голем број албански граѓани со муслиманска вероисповед. Папата во својата проповед истакна:
„Денес, вратите на Албанија повторно се отворија и периодот на нова мисионерска виталност се зголемува за сите членови на народот Божји.“
По ручекот со албанските бискупи во Апостолската нунцијатура, папата го посети Католичкиот универзитет „Богородица од добар совет“ каде што се сретна со претставниците од останатите верски заедници. Во Тиранската катедрала папата ја предводеше вечерната богослужба на која присуствуваа свештениците, чесните сестри и богословите каде што неколку претставници од присутните сведочеа за своето мачеништво за време на диктаторскиот режим во Албанија. Како последна точка во агендата на папата Фрањо беше посетата на каритативниот центар „Бетанија“. Својата кратка посета Светиот отец ја заврши на во вечерните часови испратен од премиерот на Р.Албанија Еди Рама.
(текст и фотографија: Радио Марија Македонија)

