Катедрална капела Света Ана
Капелата Света Ана се наоѓа на десната страна од влезот на катедралата. Капелата најмногу служи за славење Света литургија во зимските периоди, како и за мали групи на поклоненици и молитвени средби со младите. На ѕидот позади олтарот стои голема слика која го претставува Милосрдниот Исус, насликана според виденијата на сестра Фаустина Ковалска од Полска.
Во капелата е сместена голема дрвена статуа на Света Ана, мајката на Блажена Девица Марија. Статуата е изработена од Тиролската школа, а се наоѓала уште во старата катедрала. Света Ана држејќи ја Марија за рака на импресивен начин покажува што е вистинска педагогија и со левата рака ја држи десната рака на својата ќерка, а со показалецот предупредува во воспитувањето да внимава што прави и да избегнува зло. Тоа е навистина главна цел на зоспитувањето на децата.
Во јубилејната Година на милосрдието 2016, прогласена од Папата, надворешните врати од капелата беа ‘Свети врати’ кои свечено беа отворени и благословени за добивање на целосен опрост .
Во капелата се наоѓа и папскиот седес, кој беше пригодно направен по повод Апостолската посета на папата Франциск на нашата земја.