Агнеса Гонџе Бојаџиу е родена во центарот на градот Скопје, на сегашниот влез на Трговскиот центар, во тогашната улица „Поп Кочина“ број 14, во така наречениот латински кварт од десната страна на брегот на реката Вардар. Младата девојка Агнеса Гонџе која полна со ентузијазам заминала од родниот град Скопје во непознатата Индија го посветила целиот свој живот на хуманоста.
Во почетокот на XX век, католичката црква „Пресвето срце Исусово“ во Скопје, била водена од редот на Исусовците. Отец Фрањо Јамбрековиќ, често пати на верниците им читал писма од мисионерки од Индија и Африка и живописно им го објаснувал животот на мисионерките. Така, тој одиграл голема улога во одлуката на малата Гонџа да замине за Индија и да го посвети својот живот на Бога. На 12-годишна возраст, добивајќи повик од Бога, таа ја донела конечната одлука да го напушти Скопје. По шест години, на 18 – годишна возраст, таа го напушта родното Скопје.
Љубезна, хумана и енергична, често наречена апостол на љубовта, посветена на најсиромашните и најкалливите делови на Калкута, необичната скопјанка станува сакан и почитуван граѓанин на светот и никогаш, апсолутно никогаш не сакала да зборува за своето минато и за своето семејство секогаш нагласувајќи – „Мојата работа, тоа сум јас. – Тоа е она што е важно!“.
Света Мајка Тереза е добитничката на Нобелова Награда за мир во 1979 година, а почина на 5 септември 1997 година на возраст од 87 години. Tитулата Блажена Мајка Тереза, ја носела сè до нејзиното прогласување за светица, кога Папата Јован Павле Втори, ја канонизирал 4 септември 2016 на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан.