Парохискиот информатор можете да го преземете на следниот линк:
Парохискиот информатор можете да го преземете на следниот линк:
Во базиликата Свети Петар во Ватикан папата Франциск на 10 октомври 2021 година ја отвори синодата за Црквата под наслов: „За синодална Црква, заедништво, учество, послание“. Истата се одржува на пет континенти, следејќи ја тригодишната програма поделена на три дела, а која вклучува слушање, расудување и советување.
Скопскиот бискуп и Струмичко – Скопски епарх монс. Киро Стојанов Синодата за Црквата во Македонија ја отвори на 17 октомври 2021 година во катедралната Црква „Успение на Пресвета Богородица” во Струмица.
По тој повод на 4 ноември 2021 година во парохијата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје се одржа средба, а истата ја отвори и водеше парохот дон Паво Шекерија.
Интересот беше огромен што се огледа во големиот број на учесници. На средбата по краткиот вовед за Синодата се разви дискусија и се разменија мислења на сите учесници. Согласно програмата се планираат и други средби на кои ќе се учествува со разни предлози, прашања и забелешки, а се во интерес на напредокот на Црквата.
Парохискиот информатор можете да го преземете на следниот линк:
„Не можеме да не зборуваме за она, што сме виделе и чуле“ (Дела 4,20)
Драги браќа и сестри,
Кога ќе ја искусиме Божјата љубов, кога ќе ја препознаеме неговата татковска присутност во нашиот личен и заеднички живот не можеме да не навестуваме и да не го споделуваме со другите она што сме го виделе и чуле. Исусовиот однос со неговите ученици, неговото човештво кое се објавува во таинството на воплотението, во неговото Евангелие и во неговото Пасхално таинство ни покажуваат колку многу Бог нѐ љуби нас луѓето и дека нашите радости и нашите страдања, нашите желби и нашите тешкотии воедно се и негови (сп. Втор ватикански собор, Пасторална конституција Gaudium et spes, 22). Сè во Христа нѐ потсетува дека светот во кој живееме и неговата потреба од откупување не му се туѓи и нѐ повикува да се чувствуваме активен дел од тоа послание. „Затоа одете по раскрсниците и, колку души ќе најдете, поканете ги на свадба“ (Матеј 22,9). Од таа сочувствителна љубов никој не е исклучен, никој не може да ја доживува како нешто туѓо или далечно.
Искуството на апостолите
Историјата на евангелизацијата започнува со воодушевеното барање на Господ кој повикува и сака да воспостави со секоја личност дијалог и пријателство, таму каде што се наоѓа (сп. Иван 15,12-17). Апостолите се први кои ни зборуваат за тоа, сеќавајќи се дури и на денот и часот кога го сретнале: „Беше околу десеттиот час“ (Иван 1,39). Пријателството со Господ, гледаат како лекува болни, јаде со грешници, нахранува гладни, им пристапува на исклучените од општеството, се допира до нечисти, се поистоветува со оние во потреба, повикува на блаженствата, поучува на нов начин и со власт, сето тоа остава неизбришлив белег, кој може да поттикне на воодушевување и „заразна“ радост и несебичност, која не може да се скроти. Како што вели пророкот Јеремија, тоа искуство е распален оган на неговата делотворна присутност во нашето срце кое нѐ поттикнува на мисии и покрај тоа што понекогаш со себе повлекува жртви и неразбирање (сп. 20,7-9). Љубовта секогаш е во движење и нѐ движи и нас со другите да го споделиме најубавото навестување и изворот на надеж: „Го најдовме Месијата“ (Иван 1,41).
Со Исус видовме, слушнавме и искусивме дека сѐ може да биде поинаку. Тој, веќе сега, нѐ воведува во идните времиња довикувајќи ни во памет за важната карактеристика на нашето човештво, која многу пати е заборавена: „создадени сме за полнота која може да се постигне само со љубов“ (енциклика Fratelli tutti, 68). Тоа се новите времиња кои поттикнуваат на вера која може да даде поттик за иницијативи и да ја обликува заедницата, поаѓајќи од мажите и жените кои се учат да го преземат врз себе товарот на кревкоста како сопствената, така и на другите луѓе, промовирајќи братство и социјално пријателство (сп. исто, 67). Црковната заедница ја покажува својата убавина секогаш кога со благодарност се спомнува дека Господ прв нас нѐ возљуби (сп. 1 Иван 4,19). Господовата посебна љубов нѐ изненадува, и чудењето, по своја природа, од наша страна не може ниту да се поседува, ниту да се наметнува […] Единствено така може да процвета чудото на бесплатноста, бесплатното себедарување. И мисионерскиот жар не може никогаш да се стекне со мисловен напор или со пресметување. Да се ставиш „во состојба на мисија“ е одраз на благодарност“ (Порака до Папските мисионерски дела, 21 мај 2020).
Сепак, времињата не биле лесни; првите христијани својот верски живот го започнале во непријателско и тешко опкружување. Искуството на маргинализација и заробеништво се испреплетувале со внатрешните и надворешните отпори, кои како да се противречеле, па дури и го негирале она што го виделе и чуле. Но сето тоа не само што не претставувало тешкотија или пречка која можела да ги доведе до тоа да малаксаат или да се затворат во себе самите, туку ги поттикна секоја неприлика, спротивставување и тешкотија да ја претворат во можност за послание. Ограниченостите и пречките станале и тие привилегирано место за да се помаже сè и сите со Господовиот Дух. Ништо и никој не можел да биде исклучен од ослободителното навестување.
За сето ова имаме живо сведоштво во Делата на апостолите, книга која учениците мисионери секогаш ја имаат при рака. Тоа е книга во која се опишува како Евангелието, таму каде што се пренесувало, секогаш оставало зад себе пријатен мирис побудувајќи радост, која само Духот може да го даде. Книгата Дела на апостолите нѐ учи во искушенијата секогаш цврсто да се држиме за Христос, како во нас би созреало „уверувањето дека Бог може да дејствува во секоја ситуација, па и покрај привидните неуспеси“ како и сигурноста „дека оној кој се жртвува и се дарува на Бог од љубов сигурно е дека ќе биде плоден“ (Апостолски поттик Evangelii gaudium, 279).
Така и ние: Ниту сегашниот историски момент не е лесен. Оваа ситуација со пандемијата на виделина ги изнесе и уште повеќе ја зголеми жалоста, осаменоста, сиромаштвото и неправдата од кои и порано многумина страдаа и ја разоткри нашата лажна сигурност, поделба и поларизација кои тивко нѐ уништуваат. Најслабите и најранливите уште посилно ја доживееја својата слабост и ранливост. Искусивме обесхрабреност, разочараност, мака. Не можеше да нѐ одмине конформистичката горчина која ја одзема надежта. Меѓутоа, ние „себе не се проповедаме, туку Христа Исуса Господа; што се однесува, пак, до нас, ние сме ваши слуги поради Исуса (2 Коринтјаните 4,5). Затоа во нашите заедници и нашите семејства го слушаме одекот на Словото на живот кој се разлева во нашите срца и ни зборува: „Тој не е овде, а воскресна“ (Лука 24, 6). Тоа се зборови на надеж кои ја потиснуваат секоја одлука и оние кои ќе дозволат да ги допре, им ја дарува потребната слобода и одважност да се застане на нозе и креативно да се бараат сите можни начини да се живее сочувството, „сакраменталноста“ на Божјата близина во нас луѓето која никого не остава да лежи покрај патот. Во ова време на пандемија, соочени со напаста на прикривање и оправдување на рамнодушноста и апатијата во име на здрава социјална дистанца, неопходно е посланието на сочувство, кое може да ја претвори нужната дистанца во места на средба, грижа и промовирање. „Она што сме виделе и чуле“ (Дела 4,20), милосрдието кое ни е искажано, се претвора во појдовна точка и ни дава веродостојност која ни овозможува да се поврати заедничката страст за создавање „заедници на припадност и солидарност на што мора да се посвети време, труд и добра“ (Енциклика Fratelli tutti, 36). Божјото слово е тоа кое секојдневно нѐ откупува и спасува од изговори кои нѐ водат да се затвораме како најплашливци од сите скептицизми: „и така сѐ ќе биде пак исто, ништо нема да се промени“. А на прашањето: „Зошто би требало да се откажам од својата сигурност, комотност и уживања ако не можам да видам никаков важен резултат?“, одговорот секогаш е ист: „Исус Христос извојува победа над гревот и смртта и сега е семоќен. Исус Хрисотс навистина е жив“ (сп. Апостолски поттик Evangelii gaudium, 275) и сака и ние да бидеме живи, да бидеме како браќа и да знаеме самите да ја примиме и со другите да ја поделиме таа надеж. Во сегашните околности неопходно се потребни мисионери на надежта, помазани од Господ, кои се способни на пророчки начин да потсетуваат дека никој не може да се спаси сам.
Од нашите грла, како кај апостолите и првите христијани, со сета сила нека одекне: не можеме да не зборуваме за она, што сме виделе и чуле“ (Дела 4,20). Сѐ што сме примиле, сѐ што Господ постепено ни има подарено, ни го даде само за да можеме со тоа да се служиме и бесплатно да го даваме на другите. Како што виделе апостолите со свои очи, слушнале и со рацете го допреле Исусовото спасение (сп. 1 Иван 1,1-4), така ние денес можеме страдалното и славно Христово тело да го допираме во секојдневниот живот и да собереме храброст со сите да ја делиме судбината на надеж, тој несомнен знак кој е плод на спознанието дека Господ секогаш е со нас. Како христијани не можеме да го задржиме Господ само за себе: евангелизациското послание на Црквата, својата полнота и јавна вредност, ја покажува во промената на светот и зачувувањето на созданието.
Повик до секого од нас
Темата на овогодинешниот Светски ден на мисиите „Не можеме да не зборуваме за она, што сме виделе и чуле (Дела 4,20) е покана до секого од нас да „преземеме одговорност“ и да ги запознаме другите со она што го носиме во срцето. Преку ова послание Црквата отсекогаш била препознатлива: „Таа е впрочем за навестување на Евангелието“ (Свети Павле VI, Апостолски поттик, Evangelii nuntiandi, 14). Имено, нашиот религиозен живот, кога се одделуваме од другите или се затвораме во мали групи, малаксува, го губи својот пророчки дух и способноста за восхитување и благодарност. Согласно својата динамика, бара поголема отвореност со која ќе можеме да допреме до секого и да ги прегрнеме сите. Првите христијани не само што не подлегнаа на напаста да бидат затворени во некоја елита, туку беа привлечени од Господ и новиот живот што Тој го понуди и да појдат меѓу народите за да сведочат за она што го видоа и слушнаа: Царството Божјо е близу. Тоа го правеа со великодушност, благодарност и благородност кон оние што сеат знаејќи дека други ќе уживаат во плодовите на нивните напори, ангажирање и жртвување. Затоа сакам да ве потсетам дека „дури и оние што се најслаби, ограничени и носат рани во душата, можат да бидат мисионери на свој начин, затоа што секогаш треба да се овозможи доброто да се пренесува, дури и ако коегзистира со многу слабости“ (постсинодален Апостолски поттик, Christus vivit, 239).
На Светскиот ден на мисиите, кој се слави секоја година во претпоследната недела во октомври, со благодарност се сеќаваме на сите оние кои, преку нивното сведоштво со животот, ни помагаат да го обновиме нашиот крштелен завет дека ќе бидеме великодушни и радосни апостоли на Евангелието. Посебно се спомнуваме на оние кои беа способни да појдат на пат, да ја остават земјата и семејството, така што евангелието, без одлагање и страв, ќе може да стигне до народите и градовите во кои има многу жедни за благослов.
Размислувањето за нивното мисионерско сведочење нѐ поттикнува да бидеме храбри и усрдно да го молиме „Господарот од жетвата да испрати работници на жетвата Своја“ (Лука 10,2). Имено сме свесни дека повикот на послание не е нешто што припаѓа на минатото или романтичен спомен од некои други времиња. На Исус денес му се потребни срца кои знаат да го живеат повикот како вистинска љубовна приказна која ќе ги поттикне да одат на перифериите на светот и да станат навестители и орудие на сочувството.
Тоа е повик кој тој го упатува до сите, иако не до секој на ист начин. Да се потсетиме дека има периферии, кои се наоѓаат близу до нас, во центарот на некој град или во сопственото семејство. Исто така постои форма на сеопшта отвореност на љубовта која не е географски, туку егзестенцијална. Секогаш, а најмногу во ова време на пандемија, важно е секој ден да се расте во способноста да се прошири сопствениот круг и да се дојде до оние кои не ги доживуваме дека спонтано припаѓаат на „нашиот интересен свет“, и покрај тоа што се блиску до нас (сп. Енциклика Fratelli tutti, 97).
Да го извршуваш своето послание во животот значи да се осмелиш да ги негуваш истите чувства како Исус Христос и да веруваш со него дека личноста до мене е мој брат и сестра. Неговата сочувствителна љубов нека ги разбуди и нашите срца и нека нѐ направи сите ученици мисионери.
Марија, првата ученичка мисионерка, на сите крстени нека им ја зголеми желбата да бидат сол и светлина во нашите земји (сп. Матеј 5, 13-14).
Рим, Свети Иван Латеран, 6 јануари 2021 година,
На празникот Богојавление.
Франциск
Драги верници, нашата Скопска бискупија и Струмичко – Скопска епархија одговара на повикот за вклучување кон синодалниот подготвителен процес „За една синодална црква – заедништво, учество и послание“, чие отворање се случи на 10 октомври во Рим.
По тој повод, во недела на 17 октомври 2021 со почеток во 10:30часот, во Струмичката катедрала „Успение на Пресвета Богородица“ ќе се одржи свеченото отворање на овој синодален пат за нашата помесна црква.
Овие денови ве повикуваме сите заедно да се молиме за успешен почеток на Синодата.
Парохискиот информатор можете да го преземете на следниот линк:
Парохискиот информатор можете да го преземете на следниот линк:
Драги верници, нашата парохија со особена почит и радост го одбележува пазникот на Света Мајка Тереза, нашата сограѓанка и светица.
Затоа оваа година како подготовка за празникот ќе имаме 24 часовна адорација пред Пресветиот олтарски сакрамент.
Адорацијата ќе започне во четврок (2.09.2021) и ќе трае до петок (3.09.2021) до 17 часот.
Ги замолуваме сите оние кои сакаат да бидат дел од оваа адорација да се јават во парохиската канцеларија за распоред на адорацијата.
Прилика за Света исповед има секој ден половина час пред светата миса.
Прославата на празникот на Света Мајка Тереза ќе се одржи во недела на 5 септември со свечена Света миса која ќе ја предводи НВП монс. д-р Киро Стојанов.
Парохискиот информатор можете да го преземете на следниот линк:
Во саботата, 21 август, во Скопската катедрала, кардиналот Пуљиќ одржа предавање на тема: „Лична работа на себе“ во рамки на духовната обнова за Богопосветените лица.
На почетокот на средбата, бискупот Стојанов го поздрави кардиналот, со зборовите: Драги оче Митрополите, почиутван господине Кардинале, Ве поздравувам од мое и од името на оваа мала но вредна духовна заедница од свештеници и чесни сестри во Македонија изразувајќи ви искрено добредојде. Собрани денеска на оваа духовна обнова што ќе ја предводите Вие посакуваме да таа биде во знак на подршка на оној пламен кој духот Божји го запали во нашите срца преку верата која ни е дарувана. Познато ви е во какви околности живее и делува оваа мала Kатоличка заедница во Македонија, која за време на овој подмолен заразен вирус Ковид 19, што и самите Вие, а и многумина лично го искусија, испрати во вечност еден вреден свештеник и две вредни чесни сестри. Но и покрај тоа што понекогаш сме мал, тивок пламен, кој нема сила за голема светлина и кому се закануваат разни ветришта за да го изгаснат, сепак тој пламен со векови гори. Тоа е Божје дело!
На почетокот од предавањето кардинал Пуљиќ се заблагодари на бискупот Стојанов за поздравните зборови и рече: „Со радост доаѓам кај вас да ве охрабрам во верата. Ме радува обновената катедрала. И верницте нека бидат обновени во неа. Свесни сме додека сме на земјата имаме потреба од обнова. Утре ќе славиме света Литургија, годишнина од посвета на катедралата, свесни сме дека и ние сме посветени и дека духот, душата и телото треба да се обновуваат, затоа што сѐ треба да се обедини, како човекот би бил целосен“. Потоа кардиналот во свето предавање зборуваше за неколку важни теми кои се во процес на воспитување и раст, а кои се важни во развојот на целосниот човек преку неколку точки: Запознај се самот себе; Прифати се; Засакај се; Промени се; Живеј во вистината; Имај чиста совест; Верувај во Бог и осмислувај го својот живот прифаќајќи го крстот; Простувај за да ја ослободиш во себе силата на љубовта; Биди слободен; Љуби го Бога и ближниот.
Потоа следуваше обожавање на Светата Причест, можност за света исповед, како и света Литургија, која ја предводеше кардинал Пуљиќ. Во својата проповед кардиналот ги охрабри присутните со животот и делото на папата Пио X, чие што мото било „Сѐ да се обнови во Христа“.
Истиот ден во попладневните часови кардинал Пуљиќ во бискупската резиденција заедно со бискупот Стојанов се сретна со хрватската амбасадорка Нивес Тигањ.
Во недела 22 август во катедралата Пресвето Срце Исусово во Скопје во заедништво со месниот бискуп Киро Стојанов и свештениците, кардинал Пуљиќ ја предводеше светата Литургија по повод посветата на катедралата.
На почетокот од литургиското славење бискупот Стојанов рече: Драги оче Надбискупе, почитуван господине Кардинале, Вашата Пасторална посета за нас денес е од исклучителна важност. Верата која ја живееме е светло во темнина на современите ветрови кои ги вознемируваат историските хоризонти на модерното човештво и се обидуваат да изградат живот како да го нема Бог. Но, сѐ повеќе чувствуваме во сопствените околности, ако Бог го нема во нашите животи, тогаш се губи и гази и достоинството на човекот. Повикани сме сега повеќе од било кога во историјата, да ја освестиме во човекот одговорноста кон дарот на животот и даровите, што ги примивме од Создателот да го градиме, а не да го рушиме создадениот свет и животите околу себе. Ваша Еминенција, Ви благодарам за чувствителноста и грижата за Црквата во дијаспора и Вашата Татковска и надпастирска грижа. Молам, Вашите зборови да бидат охрабрување и патоказ и за оваа наша мала, но вредна заедница во Македонија. Како таленти – кои ги примивме од Бога – да ги употребиме за да би можеле во конечната средба со Бога да покажеме во што ни помина животот. Не сме повикани на жалење, туку сме луѓе на надеж. Сакаме да го оправдаме своето служење на Бога и луѓето и заради тоа сметаме на Вашиот силен духовен збор и молитва. Кога ќе бидете во можност да се сретнете со Светиот Отец Папа, поздравете го и пренесете му ја нашата верност и преданост. Сакаме да бидеме послушни на Неговата учителска служба за која Вие вчера ни зборувавте, но и денес очекуваме. Драги наш Митрополите, господине Кардинале, нека биде благословена Вашата пасторална посета, Вашето доаѓање меѓу нас. Бидете благословени и добро ни дојдовте!
Во проповедта која кардиналот ја упати посебно се осврна на споменот посвета на Црквата и рече дека токму посветата на Црквата е и пат за нашето посветување. Потсети дека пред да се започне со градба на Црквата, најпрво се благословува камен, а тој камен е темел и тој ја симболизира нашата вера, затоа што само на цврста вера и на вистински темел можеме да градиме заедница. А таа вера е токму самиот Исус Христос и како што слушнавме во читањето Христос е тој аголен камен, Христос е глава на Црквата, кој ја води. На крајот кардиналот рече дека токму верниците ја прават таа жива заедница, на која глава треба да биде Христос.
На крајот од литургиското славење бискупот Стојанов на кардинал Пуљиќ му подари икона на света Мајка Тереза, во знак на благодарност и татковска љубов.
Во пладневните часови кардинал Винко Пуљиќ во придружба на монс. Киро Стојанов ги посети просториите на Македонски Каритас, каде се сретна со директорот дон Паво Шекерија и вработените во Каритас. Во своето обраќање директорот Шекерија ги поздрави присутните и заблагодари на кардиналот за посетата. Во краткото обраќање кое го имаше диркеторот Шекерија го запозна кардиналот за активностите и проектите кои моментално ги спроведува Македонски Каритас. Исто така и вработените дадоа свои лични искуства за нивната работа на терен и секојдневните предизвици со кои се сретнуваат посебно во ова време на пандемија. На крајот кардиналот се заблагодари на дон Шекерија за поканата и во своето обраќање ги охрабри вработените во Каритас да не се изморат да прават добро.
Преземено од nedjelja.ba
текст: Домагој Матијевиќ/превод: го*ко католици.мк
1600 Amphitheatre Parkway, Mountain View, CA 94043
+1 650-253-0000
[email protected]
Daily: 9:00 am - 6:00 pm
Sunday: Closed
Recent Comments